МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2:1 во победи против Пелистер во битката за шампионската кошаркарска титула во македонското првенство. Аеродромци, кои го бранат тронот, во „Јане Сандански“ му нанесоа тежок пораз на гостинот од Битола, а на крајот на семафорот резултатот покажуваше 86:62.
Помалку од една четвртина траеше отпорот на гостите од Битола, кои имаа предност од 16:15, но до крајот на првата четвртина МЗТ не само што го презеде водството, туку по 10 минути водеше 28:19.
Аеродромци продолжија со фуриозна игра и во втората четвртина, па во 15-тата минута домаќините имаа 25 поени предност (48:23), а на полувреме МЗТ постигна двојно повеќе поени од противникот (54:27). Битолчани во првото полувреме имаа дури 21 загубена топка, што е факт кој покажува за нивната слаба игра во нападот.
На почетокот на третата четвртина МЗТ Скопје Аеродром поведе и со 66:30 и таа предност од 30+ беше константна. Пред крајот од третата четвртина се случи мал прекин на мечот откако гостинските навивачи направија неред, па мораше да реагира полицијата.
Последната четвртина беше формалност, па МЗТ стигна до втората од посакуваните три победи за да го одбрани тронот. Милошевиќ со 23 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а одлични беа и Војдан Стојановски со 14 поени и Дејвис со 12 поени. Кај Пелистер најефикасен беше Холтон со 15 поени.
Следниот меч се игра во Битола в четврток.