Искусниот Абдул-Малик Абу (27 год, 203 см) е новото засилување за МЗТ Скопје Аеродром на центарската позиција откако Американецот вечерва потпиша договор до крајот на сезоната, потврдија од таборот на македонскиот кошаркарски првак.
Станува збор за кошаркар кој одлично се снаоѓа на позициите „четири“ и „пет“ и кој се очекува да донесе цврстина во рекотот. Абу доаѓа од Израел, каде што настапуваше за Хапоел Галил Елион, додека претходно беше дел од бундеслигашот Вурзбург, корејскиот прволигаш Чангвон, турскиот тим Беледиеспор, Спортинг од Лисабон и Вриједноснице Осијек, кој беше негов прв интернационален трансфер.
Зад себе има повеќе од солидна НЦАА кариера во Државниот универзитет на Северна Каролина, каде што во една од сезоните имал просек од 11,8 поени и седум скока.
Абу доаѓа на местото на Самет Јигитоглу, кој си го откупи договорот за да се врати во Турција.
„Американецот е посилен и поискусен од турскиот кошаркар, што ни дава надеж за многу поголем придонес од центарската линија во средбите што се пред нас. Се прават напори веднаш да пристигне во Скопје и до недела да се средат сите административни формалности со цел да дебитира во сино-белиот дрес веќе на дуелот со Партизан во Белград, закажан за в понеделник“, велат од МЗТ Скопје Аеродром.