Цела сезона во АБА за МЗТ Скопје Аеродром се сведе во еден меч. Аеродромци во 18 часот гостуваат кај Задар, во натпревар кој треба да го даде последниот патник во АБА 1 лигата за следната сезона. Моментно резултатот е 1:1 во победи, а се игра до два триумфа.
Задар ја има предноста на домашен терен, но МЗТ покажа дека знае како да победи во таа сала. Пред 10-тина дена нашиот претставник славеше на гости со 89:83, во меч на кој постојано беше во водство, а во еден момент и со повеќе од 20 разлика.
МЗТ потоа ја имаше првата меч-топка за пласман во АБА 1, но не ја искористи во „Јане Сандански“. Иако и на овој меч „металците“ водеа со двоцифрена разлика, на крајот загубија минимално со 78:79. Интересно е што на тој меч МЗТ имаше напад за победа и крај на сите дилеми, но домаќините утнаа, па сега мора да се игра мајсторка.
Проблем за МЗТ и за тренерот Ѓорѓи Кочов е тоа што на клучниот меч нема да игра Андрија Бојиќ. Српскиот интернационалец кој е прв стрелец во МЗТ, го повреди зглобот на ногата на дуелот против Куманово во домашното првенство, па нема да биде во составот за денешниот дуел со Задар.