МЗТ Скопје Аеродром без многу проблеми славеше против Војводина со 83:75, во меч од 10 коло во АБА 2 лигата.
Македонскиот првак сега има осум победи и само два порази и по четвртиот „балон“ во регионалното натпреварување е на второто место на табелата. Единствено Борец Бања Лука е подобар од МЗТ Скопје Аеродром и има само еден пораз во девет меча. Борец вечерва игра против Ловќен од Цетиње и тимот од Бања Лука е голем фаворит за победа.
Аеродромци овој „балон“ го завршуваат со две победи и еден несреќен пораз од Сутјеска. Против Војводина, мечот немаше многу неизвесност, иако Војводина подобро го отвори мечот и за кратко време поведе со 15:5.
Сепак, по тајмаутот на Дарко Радуловиќ, аеродромци возвратија со серија 8:0 и стигнаа само на два негатива. Првото водство МЗТ го имаше на почетокот на втората четвртина (25:23) и од тој момент, па до крајот, македонскиот првак постојано беше во предност.
Првата двоцифрена позитива ја имаше на 50:39, а во третата четвртина водството на МЗТ стигна и 17 разлика (70:53), а во пресрет на последните 10 минути беше 72:57. Во последната четвртина, нашиот тим успешно ја одржа предноста и на крајот славеше сигурна победа.