МЗТ Скопје го „лови“ 13-тиот рекорден куп-трофеј, Кожув се надева на историски триумф

Фаворитот МЗТ Скопје Аеродром и домаќинот Кожув ќе играат во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија. Финалната пресметка е закажана за вечерва од 19.30 часот, а тимот од „Јане Сандански“ има огромни шанси да стигне до нов пехар. Сепак, Кожув ќе ја има поддршката на фановите во салата „26 април“ во Гевгелија.

Статистиката и традицијата се речиси апсолутно на страната на МЗТ Скопје.

Во меѓусебните дуели, МЗТ Скопје има само еден пораз од Кожув во 31 дуел, и тоа во 2019 година, на меч во Скопје.

МЗТ Скопје ќе игра во своето 18-то финале и ќе се обиде да го освои рекордниот 13-ти трофеј во историјата. Тимот од Аеродром е најуспешниот клуб во Купот и влегува во мечот како голем фаворит.

Кожув ќе настапи во своето второ финале, откако првиот пат во 2015 година загуби од Работнички. Тимот од Гевгелија ќе се обиде да ја освои првата куп-титула во својата историја.

Може ли Кожув да направи изненадување или МЗТ ќе ја продолжи доминацијата? Финалето ветува спектакл, а одговорот ќе го добиеме вечерва.


Во женска конкуренција, во финалето кое е закажано за 17 часот, се среќаваат ЖКК Вардар и Баскет Кам.

- Оглас -

Најнови вести