МЗТ Скопје поведе со 1-0 во победи против вечниот ривал Работнички во полуфиналето од плејфот во домашниот шампионат.
Ова е 70-та победа за МЗТ Скопје во меѓусебните дуели со вечниот ривал.
Металците во возбудлив натпревар, славеа со 82:71 и дојдоа до првата победа во серијата кој прв до два триумфира.
Моментот кој го одлучи победникот, беше серијата на шампионот од 11:0 во последната четвртина со која дојде двоцифрена предност, која не ја испушти до крајот.
Тимот од Градски парк одлично го започна натпреварот, постигна четири тројки во првата четвртина која ја доби со 13:16.
Втората четвртина им припадна на Металците (21:14), а најзабележителен во овој период беше Бојан Крстевски кој постигна седум поени.
Во третата четвртина, МЗТ Скопје за прв пат поведе со осум поени разлика (48:40) во 25-та минута, но кошаркарите на Работнички не се предадоа и на стартот од последната четвртина дојдоа со негатива од два поени (56:54), а во 33-та минута и на минус еден (58:57).
Но, потоа следеше серија од 11:0 за 150 секунди со кои МЗТ Скопје ги реши дилемите околу победникот и поведе во полуфиналната серија.
Дамјан Стојановски со 14 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а 13 дадоа Кеандре Кук и Дастин Вер. Кај Работнички најдобри беа Џелетовиќ со 19 и Никола Малешевиќ со 16 постигнати поени.
Вториот натпревар од полуфиналната серија ќе се игра в среда во СРЦ „Кале“.