МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, двата наши претставници во АБА 2 лигата, вечерва се посрамотија во мечеви од домашното првенство и убедливо загубија. За разлика од двата најтрофејни клуба, лидерот Пелистер немаше проблем и славеа на гостувањето кај Гостивар со 100:80.
Аеродромци одиграа очајно второ полувреме и на крајот загубија од ФМП Академија со 85:73. МЗТ Скопје во втората четвртина водеше и со 17 разлика (45:28), а на полувреме беше 46:33 за Штрковите. Двоцифрената предност на гостите беше до средината на второто полувреме 60:50, а потоа започна пресвртот.
ФМП намали на шест разлика во пресрет на последните 10 минути, а потоа следуваше и шоу на домаќините. Решавачките 10 минути ФМП ги доби со 27:9 и двоцифрената негатива која ја имаше во поголем дел од мечот, на крајот ја претвори во убедлива победа од 85:73.
Работнички доживеа еден од поубедливите порази и тоа на гости кај Куманово и загуби со 25 разлика (95:70). Гостите од Градски парк водеа со 25:24 по првата четвртина, но во следните 20 минути доминираа домаќините. Куманово во втората и третата четвртина направи огромна предност и ги доби овие квартали со 28:15 и 26:13, па последната четвртина беше само формалност.
За МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ова се четврти порази сезонава во 10 натпревари. Лидерот Пелистер има 14 победи и само два порази.
Денешни резултати: Еуро Никел – Црн Дрим 111:74, Гостивар – Пелистер 80:100, ФМП Академија – МЗТ Скопје Аеродром 85:73, ТФТ Скопје – Вардар 94:71, Куманово – Работнички 95:70.