Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја остварија втората победа во финалната серија од плејофот откако на домашен терен го совладаа ТФТ со 87-82. Актуелниот првак лошо го почна натпреварот, го загуби првиот период со десет поени разлика (17-27), но затоа ги доби убедливо втората и третата четвртина и славеше сигурен триумф за водство од 2-0 во серијата.
МЗТ Скопје заигра многу подобро во втората четвртина, ја доби со седум поени позитива (22-15) и на одмор замина со три поени негатива (39-42).
Во третиот период кошаркарите на Атанасов се разлетаа на паркетот, ја заокружија со 22-11 и веќе создадоа сигурна предност. Во последната четвртина само рутински го приведоа мечот до крај за втор триумф во серијата.
Деон Едвин со 25 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, Бојан Крстевски уфрли 17, а Војдан Стојановски беше стрелец на 13 поени. Во тимот на ТФТ се истакна Закари Браун со 25 поени.
Следниот меч ќе се игра в четврток, со почеток во 19.30 часот, а домаќин ќе биде ТФТ.