Кошаркарите на Кожув пред своите гледачи со 82:72 славеа против фаворизираниот ТФТ и ја продолжуваат битката за што подобра позиција пред плејофот. Со триумфот, Кожув остана на осмата позиција со скор 8-9, додека седмиот Работнички има една победа повеќе.
Домашните кошаркари на најдобар начин го искористија пеколниот ритам на ТФТ, кој одигра четири натпревари за осум дена, и беа подобри во текот на целиот натпревар. Првата четвртина ја добија со плус два (19:17), но на одмор заминаа со предност од девет поени (42:33).
Но, во последната четвртина ТФТ успеа да дојде до израмнување (62:62, 67:67), немаше сили за целосен пресврт. Кожув веднаш одговори со серија од 7:0, со која се одлепи на 74:67, а набрзо дојде и до двоцифрена предност, по што стана јасно и дека ќе слави против уморниот противник. Мајрон Гордон со 32 поени беше најдобар кај Кожув, а добра партија прикажаа и Домен Братож со 15 и Илија Колев со 14 поени. Кај ТФТ најпрецизен беше Дупри Мекбраер со 15 поени.
Лидерот на табелата, МЗТ Скопје, без проблеми славеше на гостувањето кај Куманово со 88:68. Домаќинот беше рамноправен противник во првото полувреме, кое го доби со 41:40, но третата четвртина Металците ја добија со 28:17, со што ги решија дилемите околу победникот. Кеандре Кук со 17 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, за кого добра партија прикажаа и Дамјан Стојановски со 14 и Мајкл Кефи со 9 поени и 11 асистенции.