Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром ќе треба да плати парична казна од 15.001 евро и следниот домашен натпревар од втората АБА-лига ќе го игра без присуство на публика. Овие санкции ги изрече дисциплинскиот судија Саша Павличиќ Бекиќ како одговор на случувањата за време на дуелот МЗТ – Сутјеска одигран на 15 јануари во „Јане Сандански“.
Плукањето на судијата Марко Јурас и навредите кон судиите од типот на „крадци, крадци“ и „жена ти е к…. судија“ придонесоа мечот да биде привремено прекинат и трибините испразнети. Во делегацискиот извештај се наведува слаба организација од страна на домаќинот, а бидејќи на МЗТ ова не му било првпат (досега беа само опоменувани) сезонава, доби жестока парична казна.
Од АБА 2 најавија дека ако повторно има плукање, навреди или прекин, следната казна за Штрковите ќе биде многу поригорозна, па клубот и навивачите ќе треба да преземат конкретни мерки за да не дојде до тоа и да се нарушува имиџот на клубот и македонската клупска кошарка.