Кошаркарите на МЗТ Скопје поведоа со 2-0 во победи против Пелистер во финалето од плејофот за титулата во македонскиот шампионат.
Шампионот и на вториот натпревар, којшто го играа пред своите гледачи во СЦ „Јане Сандански“, победија со 80:75 и дојдоа само на еден триумф од одбрана на титулата.
Битолчани одлично го започнаа натпреварот, имаа водство дури од 14 поени во првата четвртина (6:20, 8:22) благодарение на четирите тројки, но Металците успеаја да дојдат до едноцифрена негатива по првите 10 минути (16:22). МЗТ Скопје во втората четвртина успеа да направи целосен пресврт, првото водство го имаше во 15-тата минута, по тројката на Делалиќ за 31:30, а на одмор замина со плус три (46:43).
Во третата четвртина, МЗТ Скопје дојде и до двоцифрена предност, но кошаркарите на Пелистер не се предадоа и во финишот, па на три и пол минути до крајот по поените на Маслинко, намалија на 76:73.
Металците одговорија со четири поени преку Танасковиќ и Дамјан Стојановски, со кои ја заверија победата и дојдоа само на еден триумф од одбрана на титулата.
Танасковиќ со 16 поени и 12 скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека Делалиќ даде еден поен помалку. Кај Пелистер најдобар беше Костоски до 17 поени.
Следниот меч ќе се игра в сабота, во Битола.
Во мечот за третото место и позицијата која води во АБА2-лигата следната сезона, Работнички го совлада ТФТ со 96:68 и ја доби серијата со 2-0 во победи.