МЗТ Скопје се засили со Американец кој пред две години стана првиот странец кој направил трипл-дабл во макбаскетот и тоа токму против Металците

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжува да ја засилува екипата за новата сезона. Откако вчера ја засили центарската линија, денеска ја освежи бековската линија со двајца кошаркари од САД.

Нови играчи на МЗТ Скопје се Седрик Расел (24 год, 188 см) и Ејасу Ворку (24 год, 188 см), коишто имаат европско искуство, а еден од нив има настапувано и во Македонија.

Ворку ѝ е добро познат на македонската кошаркарска јавност бидејќи две две сезони настапуваше за Гостивар и имаше просек од 16,8 поени, 5,1 скока и 7,2 асистенции.

Тој е првиот странец кој остварил трипл-дабл во македонскиот шампионат и тоа токму против МЗТ Скопје во ноември 2021 година.

Европската авантура ја почна пред три години во хрватскиот Забок, а потоа направи трансфер во Задар, каде што остави повеќе од солиден впечаток.

Расел зад себе има пет одлични години во елитната дивизија од НЦАА-лигата, од кои четири во дресот на Луизијана универзитетот и во последната сезона имаше просек од 17 поени по натпревар. Минатата сезона го имаше првото европско искуство, и тоа во српскиот Тамиш, каде што просечно реализираше 16,2 поени со 2,4 скока и 2,3 асистенции.

МЗТ Скопје вчера потпиша со српско-хрватскиот центарски тандем Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, со што го комплетира квартетот странци за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести