Кошаркарите на МЗТ Скопје го добија дербито против Пелистер со 67-72 во шестото коло од македонската Суперлига, забележувајќи важна гостинска победа против еден од директните конкуренти за титулата. Сепак, по триумфот на гостите, Пелистер истакна дека поднел официјална жалба за судењето на овој натпревар, сметајќи дека се оштетени.
„КК Пелистер ја информира јавноста дека веднаш по мечот испрати официјална жалба до федерацијата поради начинот на кои арбитрите ја делеа кошаркарската правда на овој дуел, во кои наместо кошаркарите, тие се најдоа во главна улога“, објави битолскиот клуб на социјалните мрежи.
Првата четвртина беше целосно израмнета, со чести промени во водството, а МЗТ минимално водеше по првите десет минути. Пелистер ја презеде иницијативата во вториот период, доминираше и на полувремето замина со водство од 32-29.
Во третата четвртина, МЗТ Скопје ја врати контролата, водеше почесто и покажа подобра игра, иако на крајот водството беше само 49-51. Последниот период им припадна на кошаркарите на МЗТ Скопје, кои се одлепија и на двоцифрена разлика, а го зачуваа водството до конечна победа од 67-72.
Најефикасен на мечот беше Мекејден со 20 поени, додека Гил запиша двоен ефект од 17 поени и 11 скока. Кај Пелистер, најдобар беше Стајиќ со 17 поени.

