Кошаркарите на актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, со предност од 16 поени ќе патуваат на реваншот против Широки брег во четвртфиналето на јадранската АБА-2 лига. „Штрковите“ вечерва на домашен терен во „Јане Сандански“ забележаа победа од 85-69, откако одиграа фантастично второ полувреме, во кое направија комплетен пресврт.
Мечот започна израмнето, а првата четвртина им припадна на домашните кошаркари со минимални 18-17. Во вториот период гостите од БиХ направија пресврт и на паузата заминаа со предност од 37-41. МЗТ Скопје започна одлично во второто полувреме и со серија од 9-0 направи пресврт и дојде во водство кое не го испушти до самиот крај на натпреварот. Предноста на шампионот на Македонија постојано растеше се до конечните +16, што дава надеж дека може да се помине босанскиот преставник.
Војдан Стојановски со 21 поен беше лидер на МЗТ Скопје, Делалиќ уфрли 17, додека Танасковиќ еден помалку. Кај гостите Јунаковиќ со 16 поени беше најефикасен.