Денеска ќе се играат натпреварите од последното 22-ро коло во кошаркарската Прва лига, а најинтересна во денешните пет дуели ќе биде битката за првото место на табелата меѓу Работнички и МЗТ Скопје.
Најтрофејните екипи во мак-баскетот пред денешното последно коло пред плејофот имаат идентичен скор од 17 победи и четири порази. Работнички има подобра кош-разлика (+322) во однос на МЗТ Скопје, но актуелниот шампион со победа над Навико Академија ФМП ќе го обезбеди првото место на табелата и во плејофот ќе стартува од првата позиција.
Причина за тоа е подобриот скор на МЗТ Скопје во меѓусебните дуели со Работнички. На првиот меч сезонава, МЗТ Скопје како гостин го совлада Работнички со 73:59, додека тимот од Градски парк победи на вториот дуел со четири поени разлика (95:91). Поради тоа, на Металците денеска (18.30 часот) им е потребна победа против Навико Академија ФМП за да бидат првопласирани.
МЗТ Скопје е апсолутен фаворит за победа, како и Работнички кој игра против Гостивар (1.04).
Во последното коло ќе бидат решени и дилемите за позициите од третата до шестата позиција. Најголеми шанси да заврши како третопласиран има Пелистер на кого му е потребна победа во Гевгелија над Кожув. Чаир 2030 и ТФТ ќе чекаат кикс на битолчани за евентуално со победи на домашен против Охрид, односно Феникс 2010, за да дојдат до третата позиција.