Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром го доживеа вториот пораз во АБА 2 лигата оваа сезона откако во СЦ „Јане Сандански“ загуби од Хелиос со 70-72. Во драматичен финиш, кошаркарите на МЗТ ја загубија предноста што ја градеа во поголем тек од натпреварот, со оглед дека лошо го одиграа последниот, решавачки период.
Последната четвртина МЗТ Скопје Аеродром ја загуби со осум поени разлика (15-23) и тоа беше клучно за поразот. Марко Баковиќ имаше шут за победа, но не го реализираше.
Првиот период заврши 17-17, а Хелиос на полувреме замина со предност од четири поени (30-34). Сепак, МЗТ Скопје одигра одлична трета четвртина која ја доби со 25-15 и во последните десет минути влезе во позитива од шест поени. Но, и тоа не беше доволно за конечен триумф.
Слај со 20 поени и Едвин со 17 поени беа најефикасни во тимот на МЗТ Скопје, додека кај Хелиос имаше четворица кошаркари со двоцифрен поентерски ефект, од кои најмногу кошеви постигна Ловро Урбиха (14).