МЗТ Скопје загуби добиен натпревар, не помогна ниту шок терапијата со новиот тренер

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја продолжија серијата на порази во АБА лигата откако со 87:85 по продолжението од пет минути, загубија на гостувањето кај Цибона, иако ја имаа победата во свои раце.

На Металците не им помогна ниту шок терапијата со смената на тренерите, на клупата на македонскиот шампион дебитираше Драган Николиќ, кој пред четири дена го наследи Александар Петровиќ.

МЗТ Скопје имаше шанса да слави и во регуларниот дел бидејќи на две минути до крајот имаше предност од 72:74, на 28 секунди до крајот, Кафи реализира едно од двете слободни фрлања и донесе предност од 72:75. Цибона дојде до израмнување на 18 секунди до крајот со тројката на Капуста, но последниот напад го имаше македонскиот шампион.

Но, бидејќи Цибона не беше излезена од бонусот, Манчуниќ направи лична грешка на 2.5 секунди до крајот, по што немаше доволно време да се изгради акција и поради тоа шутот на Вер во последната секунда не беше прецизен.

Во дополнителните пет минути, кошаркарите на Цибона беа подобри, го добија продолжението со 12:10 и го оставија МЗТ Скопје на дното на табелата во АБА лигата со само две победи во 13 натпревари.

Најпрецизни во редовите на МЗТ Скопје беа Кафи со 19, Мичовиќ со 17 постигнати поени, Бојан Крстевски даде 14, Вер 12, а Дамјан Стојановски 11 поени.
Следен предизвик за Металците е дуелот со шампионот Црвена звезда кој ќе се игра на 8 јануари идната година во СЦ Јане Сандански.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести