МЗТ вечерва ќе брка победа во Никшиќ

МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 19 часот гостува во Црна Гора кај Сутјеска, во претпоследното коло од АБА 2 лигата. Нашиот претставник веќе обезбеди место во плејофот и ќе се бори за влез во елитната АБА-конкуренција, но сега е важно од која позиција ќе стартува.

Моментно МЗТ е на третото место со една победа помалку од Спарс од Сараево, па токму затоа вечерва мора да се бркаат двата бода за да се биде во чекор со ривалот во полуфиналето од плејофот. Во последното коло од лигашкиот дел, МЗТ дома ќе игра против Спарс, па ако слави во Никшиќ, потоа сам во „Јане Сандански“ ќе си решава дали ќе стигне до второто место, кое носи и предност на домашен терен во плејофот.

„Ова е меч од огромно значење и за двете екипи, а можеби и натпревар на сезоната и за нас и за нив, со оглед на тоа што Сутјеска ќе брка победа за задржување на шансите за четвртото место на табелата во АБА2, а МЗТ Скопје Аеродром за втората позиција, која би ни донела предност на домашен терен во полуфиналето од плејофот. Очекувам голема борба на секој дел од теренот. Сутјеска е опасен противник кого добро го познаваме. Со правилен пристап и со добра одбрана верувам дека можеме да стигнеме до победа во Никшиќ“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ еднаш има гостувано кај Сутјеска и победи. Тоа беше во октомври 2015 година, кога во меч од АБА, „штрковите“ победија со 77:68. Македонскиот тим и вечерва е во улога на фаворит.

 

- Оглас -

Најнови вести