Изминаа околу два и пол месеци од трагедијата во која легендарниот Коби Брајант го загуби животот заедно со неговата ќерка Џиџи и со уште седуммина патници во хеликоптерот кој се урна во близина на Лос Анџелес. Со денови Градот на Ангелите, НБА-лигата и целата кошаркарска, па и спортска сфера тагуваше за великанот кој не само што ги освојуваше срцата со своите мајстории на паркетот туку и со човечноста.
На денешен ден, 13 април пред четири години, Брајант го одигра последниот натпревар во 20-годишната кариера како играч на Езерџиите. Петкратниот шампион на НБА во „Стејплс центарот“ за последен пат приреди спектакуларно шоу во кое постигна неверојатни 60 поени, притоа најмногу придонесе за пресвртот на Лејкерс против Јута џез со конечни 101:96.
На 37 години Брајант воодушевуваше со секој потег што го правеше за 42 минути на паркетот. Секој негов поен беше проследен со овации од трибините, за спектакуларен финиш во последната четвртина постигна 23 поени, меѓу кои и тројката за пресврт при 97-96, пред да му асистира на Кларсон за конечниот резултат на 4 секунди до крајот.
Статистика: 60 поени, 4 скока, 4 асистенции, 22/50 шут од поле, 6/21 шут за три поени, 10/12 слободни фрлања и по една украдена топка и блокада. Со својот учинок Брајант постави рекорд за најстар кошаркар кој постигнал 60 или повеќе поени во историјата на НБА-лигата.