Фудбалската репрезентација на Еритреја и официјално реши да се откаже од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Иако има помалку од две недели до стартот на квалификациите, оваа африканска земја реши дека нема да игра во квалификациите, иако според распоредот, овој месец требаше да игра против Мароко и Конго.
Засега нема официјално објаснување зошто Еритреја се откажува од квалификациите, но се чини дека властите во оваа земја се плашат дека дел од фудбалерите може да избегаат од земјата и да побараат политички азил во странство. Такво нешто е и претходно видено кога се работи за оваа земја, и тоа во 2015 и 2019 година.
Последен пат Еритреја одигра официјален меч во септември 2019 година, кога загуби со 2:0 од Намибија во квалификациите за СП 2022 година во Катар. Со откажувањето на Еритреја, во групата остануваат пет селекции, и тоа Замбија, Мароко, Конго, Нигер и Танзанија.
На Мундијалот во 2026 година, Африка за првпат ќе има дури девет репрезентации на завршниот собир. Следниот Мундијал ќе биде прв на кој ќе учествуваат 48 репрезентации. Аргентина е актуелен бранител на тронот.