Лионел Меси уште е без клуб. Аргентинецот не делува многу загрижено и последните денови ги поминува на одмор на Ибица, и тоа заедно со својот голем пријател Луис Суарес.
Додека Меси ужива, челниците на Барселона работат на новиот договор што треба да му го понудат на Аргентинецот за да остане на „Камп ноу“. Шпанските медиуми најавуваат дека 8 август ќе биде датумот кога Меси ќе се согласи да потпише нов договор со Барселона. Тоа е денот кога Барселона ќе игра против Јувентус во пријателски меч на купот „Жоан Гампер“.
Аргентинецот целата кариера ја помина во дресот на каталонскиот гигант и стана најдобар фудбалер во историјата на клубот. Меси е и убедливо најплатениот фудбалер, но поради финансиската криза во која западна клубот поради пандемијата со корона-вирусот, сега мора да се согласи за намалување на договорот, најверојатно за 50 отсто.
Иако веќе има 34 години, Меси и понатаму е лидер во екипата, а минатата сезона во 47 меча даде 38 гола, а имаше и 14 асистенции.