Кога Реал Мадрид му го продаде Кристијано Роналдо на Јувентус за 100 милиони евра, многумина мислеа дека Кралскиот клуб евтино го продал својот прв стрелец во клупската историја, а од Баерн Минхен велеа дека не би дале толку пари за 33-годишен фудбалер.
Извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, во 2018 година изјави дека клубот никогаш не би платил толку многу пари за 33-годишник и дека на Јувентус целта му била да заработи од маркетинг. Лани Румениге „ја смени плочата“ и искажа многу пофални зборови за Роналдо, кој игра на високо ниво и на 37-годишна возраст.
Сега се појави шпекулација дека Португалецот не е среќен од пасивноста на Манчестер јунајтед во преодниот рок и плус ако остане кај Црвените ѓаволи, ќе треба да игра во Лигата на Европа, па размислува за заминување.
Една од опциите е да се пресели во Баерн, на местото на Роберт Левандовски, кој сака да оди во Барселона. Роналдо никогаш не играл во Германија и тоа може да му биде мотив. Покрај тоа, сака да освојува трофеи, а со Баерн барем бундеслигашката титула делува како „зицер“. Освен Баерн, за Роналдо се интересираат и ПСЖ и Рома.