1.8 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026

На Чаби Алонсо „му пукна филмот“ и упати порака до Диего Симеоне

Реал Мадрид со 2:1 го победи градскиот ривал Атлетико во полуфиналето на Суперкупот на Шпанија. Со оваа победа, Реал обезбеди место во финалето каде в недела, на неутрален терен во Џеда, ќе игра против вечниот ривал Барселона.

Освен трите погодоци, мадридската пресметка ја одбележа и вербалниот инцидент меѓу тренерот на Атлетико Диего Симеоне и напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор.

Кога Винисиус го напушташе теренот, Симеоне го провоцираше противникот. Се верува дека Симеоне го провоцираше велејќи му на Бразилецот дека ќе биде избркан од Реал и дека треба да слушне како навивачите на Кралевите го исвиркуваат.

Потоа настана мешаница, но за среќа, страстите брзо се смирија и немаше поголем инцидент. По завршување на мечот, свое видување на целата таа ситуација имаше и тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо. Стратегот на Реал жестоко реагираше на провокациите на Симеоне.

„Слушнав што Диего Симеоне му рече на Винисиус и воопшто не ми се допадна тоа. Не смее така да се зборува. Некогаш се поминува и црвената линија. Воопшто не сакам некој така да се обраќа кон моите фудбалери. Тоа е неприфатливо“, рече Алонсо.

Реал Мадрид сега треба да се фокусира на подготовка за финалето, а Алонсо потенцираше дека Килијан Мбапе кој го пропушти полуфиналето, ќе биде подготвен за настап во неделното финале и францускиот голгетер ќе пристигне во Саудиска Арабија за да му помогне на својот тим да стигне до трофејот, кој минатата сезона го загубија токму по поразот од Барселона во финалето со 5:2.

- Оглас -

Најнови вести