Англискиот премиерлигаш Челзи е во нови проблеми. Според најавите од Англија, постои опција на лондонскиот клуб да му бидат одземени бодови. Причина за евентуалната ваква казна е начинот на којшто работел клубот под раководство на поранешниот сопственик Роман Абрамович.
Англиските медиуми пишуваат дека се појавиле податоци кои потврдуваат за тајни исплати, со кои речиси сигурно се прекршени строгите фудбалски правила во оваа земја.
„Откриени се уплати во вредност од десетина милиони фунти во текот на една деценија, и тоа преку офшорт сметки кои се во сопственост на Абрамович. Се верува дека трансакциите биле во корист на Челзи и прашање е дали биле пријавувани на сметките кои се доставени до надзорните органи“, пишуваат ангиските медиуми.
Абрамович беше газда на Челзи повеќе од една и пол деценија, а беше принуден да го продаде клубот кога започна руската офанзива врз Украина.
По 12 одиграни меча во Премиер лигата, Челзи досега освои 16 бода и моментално е на 10-тото место на табелата. Зависно од тоа колку бодови може да биде казнет, лондонскиот тим може да биде во опасност и да се најде во зоната за испаѓање.