Македонската фудбалска репрезентација е во Прага, каде што ќе се обиде успешно да реализира една важна мисија, а тоа е победа над Украина во квалификациите за пласман на Европското првенство. Македонија мора да победи ако сака да остане во трка за пласман на завршницата на континенталниот собир.
Освен тоа што е многу важен меч за останување во трка за ЕП 2024, против Украина ќе се бара победа и за успешно да се заокружи еден голем јубилеј, а тоа е 30 години од првиот натпревар на фудбалска Македонија на европска сцена.
На 13 октомври 1993 година Македонија гостуваше во Крањ на пријателски меч против Словенија. Тој дуел останува во историја и ќе се памети по убаво. Македонија убедливо со 4:1 ја победи Словенија на нејзин терен.
Во овие 30 години, Македонија успеа да се пласира и на ЕП 2020 година, што е најголем успех досега. Сега сонот е да продолжи континуитетот за пласман на континенталните собири.
Македонија исто како и Украина има освоено 7 бода од пет меча, па утрешниот дуел е клучен за двете селекции и би било перфектно ако овој убав јубилеј од 30 години македонската фудбалска репрезентација го зачини со победа во Прага.