Фудбалот каков што го познаваме денеска има долга историја. Современиот облик на денешната најважна споредна работа во светот започнува во втората половина на 19 век.
Еден од клучните денови е 30 ноември 1872 година, кога е одигран првиот меѓународен фудбалски меч меѓу Шкотска и Англија. Со овој натпревар не само што се поставени темелите за меѓународни натпреварувања, туку се смета и за почеток на глобалната фудбалска приказна која трае и денеска.
Идејата за организирање на меѓународен фудбалски дуел се родила откако претходно имало натпревари на кои биле фудбалери од Англија и Шкотска. Сепак тогаш во двата тима имало меѓани фудбалери од двете земји, па кога Шкотска и Англија се договориле да одиграат меѓусебен дуел со играчи родени само од тие две земји, се смета за почеток на новата ера.
Дуелот на 30 ноември 1872 година се одиграл на крикет игралиштето Хамилтон во Глазгов, а имало околу 4.000 гледачи што било одлична бројка за тој период. На крајот, резултатот бил 0:0.