На денешен ден точно пред три децении светот остана без кошаркарскиот Моцарт – Дражен Петровиќ (Видео)

На денешен ден пред 30 години Хрватска и светот беа завиени во црно. На 7 јуни 1993 година, Дражен Петровиќ загина во сообраќајна несреќа за која до ден денес се зборува во светот на спортот.

Кошаркарскиот Моцарт трагично загина на врвот на својата слава, на 29-годишна возраст, во близина на Денкендорф, враќајќи се од Полска, каде што играше за репрезентацијата на Хрватска против Словенија во квалификациите за Европското првенство.

Во попладневните часови тој кобен ден по Дражен на аеродромот во Франкфурт пристигнала неговата девојка Клара Шаланци во друштво на пријателката Хилал Едебал, која била турска кошаркарка. Дражен и Клара биле во врска неколку месеци. Таа требало да го однесе Дражен до Минхен, а потоа на автопатот А9 кај градот Денкендорф се случила катастрофа. Клара со својот „голф“ се судрила со камион од марката „мерцедес“, а наводно возела со 160 километри на час. Петровиќ спиел на сoвозачкото седиште и починал на лице место по ударот.

Долги години по трагичната смрт, Бисерка Петровиќ ја отвори душата и зборуваше за тој кобен ден кога дознала дека го загубила својот син.

„На тој 7 јуни 1993 година чекав да ми се јави Дражен, имаше обичај да ме побара кога ќе помине одреден дел од патот. Заѕвони телефонот, се јавив, мислев дека е Дражен. За жал, не беше тој, на телефон ми се јави Македонка која на хрватски јазик ме праша дали е тоа станот на Петровиќ. Кога одговорив потврдно, ми кажа дека Дражен починал. Почнав да плачам, слушалката ми падна од раце и во таква состојба тргнав кон балконот… Тоа многу ме погоди. За среќа, мојот сопруг беше дома и ме запре. Тоа беа најтешките денови од мојот живот. На погребот беа илјадници луѓе“, раскажува Бисерка.

Два дена по погребот, Бисерка отишла на гробот на својот син, каде што сретнала човек чии зборови ѝ останале врежани во сеќавањата.

„Таму беше еден човек кој ми рече: Вие го родивте, но тој ни припаѓа на сите нас. Тој е нашиот Дражен и сите плачевме за него. Тие зборови никогаш нема да ги заборавам“, се потсетува Бисерка Петровиќ.

Дражен Петровиќ е роден на 22 октомври 1964 година во Шибеник, а само на 15 години заигра за првиот тим на Шибеник. Подоцна се пресели во Цибона, со која доминираше во поранешната југословенска лига, а во Европа освои две титули.
Потоа една сезона одигра за Реал Мадрид (1988-1989), по што замина во најсилната лига во светот, НБА. Првиот тим му беше Портланд трејлблезерс, а потоа настапуваше за Њу Џерси нетс, каде што целосно го смени имиџот на европските играчи и им го олесни доаѓањето во НБА-лигата, а тој го зацементира статусот на најдобар европски кошаркар на сите времиња.

Дебитираше за репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во Лос Анџелес 1980 година, каде што освои бронзен медал. Истиот медал и МВП-награда ги освои на Светското првенство во Шпанија во 1986 година, како и на Европското првенство во Грција во 1987 година.

Освои сребро на Олимписките игри во Сеул, а најголемиот успех го постигна на Европското првенство во Загреб во 1989 година и на СП следната година во Аргентина, освојувајќи златни медали, МВП трофеј за најдобар играч, а беше и најдобар стрелец.
По распадот на СФРЈ, Петровиќ ја предводеше Хрватска до сребро на Олимписките игри во Барселона во 1992 година и славното финале со оригиналниот американски дрим тим.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести