Денешниот датум, 17-ти јуни, во 1986 година ја остави без сон цела поранешна Југославија, цела земја беше во шок по начинот на кој кошаркарскиот национален тим загуби од СССР во полуфиналето на Светското првенство во Мадрид.
Југословените предводени од Дражен Петровиќ имаа предност од девет поени на 46 секунди до крајот и се чинеше дека нема како да го загубат мечот. Почнаа да слават и не се загрижија кога Сабонис од очај погоди тројка од табла. Но, само неколку секунди подоцна, Радовиќ ја губи топката и Тихоненко дава тројка за минус три. Дури тогаш почна паника кај тимот кој водеше. Публиката која тргна кон излезите, почна да се враќа. Шпанците навиваа за СССР и тоа го налути Дражен, па изјави дека никогаш не би заиграл за Реал Мадрид. Сепак, две години подоцна тој премина во Кралскиот клуб.
Во тоа време нападите траеја 30 секунди, но Југославија направи нова грешка, топката ја зеде најнеискусниот, трагичар беше тогаш 18-годишниот Владе Дивац, кој направи чекори и СССР со тројка од тешка позиција на Вадим Валтерс се извлече од загубена позиција и изедначи на 85-85. Снимката покажа дека Валтерс ја гази линијата и дека требаше кошот да важи два поени, но судиите понесени од атмосферата во салата и случувањата покажаа тројка. Во продолжението, СССР го искористи шокот на противникот и славеше со 91-90. Пресвртот кој го направија Советите е нешто што вечно ќе го паметат сите кои го гледале тој меч.
Можеби низ историјата на кошарката некогаш имало и поголем пресврт од овој, но никогаш на толку важен меч. СССР влезе во финалето, каде што загуби од САД, кои беа предводени од Дејвид Робинсон, а во групната фаза Југославија ги победи Американците.
Погледнете ја завршницата од мечот кој е историски поради испуштената победа: