Кристијано Роналдо веќе две децении е во врвот на светскиот фудбал. Португалецот ги има освоено сите најзначајни клупски, но и индивидуални награди, а со репрезентацијата стана и европски првак. Во текот на блескавата кариера, Роналдо надмина многу неверојатни рекорди, а тој сега е и рекордер по бројот на постигнати голови во историјата на најважната споредна работа во светот.
Дека Роналдо ќе биде нешто посебно, се знаеше уште од времето кога играше во Манчестер јунајтед, а кога дојде редот да потпише за Реал Мадрид, се случи вистинско лудило во главниот град на Шпанија.
На 6 јули 2009 година Кристијано Роналдо за првпат зачекори на „Сантијаго Бернабеу“ со дрес на Реал. На стадионот имаше дури 80.000 навивачи кои го поздравија својот нов миленик.
Претходно, во историјата на фудбалот најголема промоција имал Диего Армандо Марадона, кој кога потппиша за Наполи, го пречекаа 75.000 фанови. Роналдо го надмина рекордот на Марадона.
Португалецот го доби дресот со бројот 9, а на бината први го поздравија претседателот на клубот Флорентино Перес, како и легендарните Алфредо ди Стефано и Еузебио.
За девет години поминати во дресот на Реал, Роналдо постигна рекордни 450 голови, а се израдува на 16 големи трофеи со Кралскиот клуб.