На 8 мај 2013 година, Сер Алекс Фергусон објави дека по завршувањето на таа сезона си заминува од клупата на која седеше дури 27 години и имаше еден куп успеси и трофеи со кои од Манчестер јунајтед направи еден од најголемите клубови на светот.
Вечерва Црвените ѓаволи имаат прилика да го израдуваат човекот кој 27 години седеше на нивната клупа и им донесе безброј трофеи, со пласман во финалето на Лигата на Европа, што би значело 90 минути од пласман во Лигата на шампионите.
Во времето на Ферги, учествата на Јунајтед во ЛШ не се доведуваа во прашање, клубот беше редовен учесник, а двапати и станаа европски прваци и уште двапати губеа во финале.
Откако си замина Шкотот, на негово место седна Дејвид Мојс, кој не се прослави, исто како ни Луис ван Хал, Жозе Мурињо, Оле Гунар Солскјер, Ралф Рангник, Ерик тен Хаг и сегашниот Рубен Аморим. Најуспешен од нив беше Мурињо, кој освои три трофеи, меѓу кои и Лигата на Европа, но тоа е премалку за гигантот од „Олд Трафорд“.
Се покажа дека 8 мај 2013 е еден од најцрните денови во поновата историја на клубот, иако тогаш не изгледаше така, туку се мислеше дека ќе продолжат да освојуваат трофеи. Фергусон си замина како првак на Премиер лигата, а токму во таа 2013 година Манчестер јунајтед за последен пат беше шампион на Англија.