На денешен ден загина Аиртон Сена, момент кој ја промени Формула 1 (Видео)

Пред точно 31 година, на 1-ви мај 1994 на патеката Имола за време на трката за Големата награда на Сан Марино загина трикратниот Формула 1 шампион, Бразилецот Аиртон Сена, и после тој инцидент светот на мотоспортот се промени засекогаш.

Сена беше еден од најомилените и најголемите возачи во историјата на Формула 1. Тој се удри со брзина од 305 км/ч во бетонскиот ѕид на кривината Тамбурело. Со хеликоптер беше пренесен во болница во Болоња, но напорите на лекарите беа залудни. Неколку часа подоцна дојде лошата вест, Сена почина на 34-годишна возраст.

Трката во Имола беше трета за Сена со тимот на Вилијамс откако се раздели со Мекларен. Тој викенд во Имола се покажа како еден од најмрачните во историјата на Формула 1. Само еден ден претходно, во квалификациите, животот го загуби младиот Австриец Роланд Раценбергер. Тоа беше првата смртна несреќа во спортот по речиси 12 години, а неговата загуба длабоко го потресе Сена кој дури и размислувал да не учествува на трката. 

Но, желбата за тркање беше огромна кај него, Сена тргна трката од пол-позицијата. Победата на таа трката му припадна на Михаел Шумахер, но тоа беше неважно, сите мисли беа насочени кон судбината на Сена.

Над милион луѓе присуствуваа на неговиот погреб во Сао Паоло. 

Смртта на Сена доведе до длабоки промени во безбедносните прописи. Беа воведени построги технички стандарди, нови барања за патеката и протоколи за итни случаи.

 

- Оглас -

Најнови вести