Џуд Белингaм повторно е во фокусот на вниманието, но овојпат не поради неговите фудбалски мајстории при триумфот на Реал Мадрид во неделното Ел Класико против Барселона.
Шпанските медиуми објавија дека англискиот репрезентативец може да биде казнет поради непристоен гест направен за време на дуелот на „Сантијаго Бернабеу“.
Камерите го „уловија“ 22-годишниот Белингам како прави контроверзен потег, покажувајќи кон гениталиите, нешто што не е првпат во неговата кариера.
Минатата година тој беше казнет со 25.000 фунти и доби условна суспензија од еден натпревар поради идентичен гест, направен по израмнувачкиот гол во победата на Англија со 2-1 против Словачка на Европското првенство 2024.
Тогаш Белингам објасни дека станувало збор за „шега“ со блиски пријатели кои биле на трибините во Германија.
„Гестот беше насочен кон моите пријатели. Немам ништо освен почит за начинот на кој играше репрезентацијата на Словачка“, изјави тогаш Белингам.
И покрај контроверзите, Белингам повторно беше еден од најзаслужните за победата на Реал Мадрид во дербито, постигнувајќи го победничкиот гол за конечни 2-1 против Барселона.

