На Динамо Киев не му се допаѓа идејата Фенербахче да игра на турнир во Русија: Крв има на вашите раце

Украинскиот тим Динамо Киев остро реагираше на одлуката на турскиот Фенербахче, да настапи на турнирот во Санк Петерберг, Русија, како дел од подготовките на новата сезона. Фенербахче во рускиот град ќе игра на турнир на кои ќе настапат и Црвена звезда, Зенит и Нефчи Баку.

Оваа одлука на турскиот гигант предизвика реакција на украинскиот тим, кој на својот официјален профил на Твитер објави фотографија на која пишуваше „Крв има на вашите раце“.

Ова не е првпат Динамо Киев да реагира кон турскиот гигант. За време на мечот од Лигата на Европа минатата сезона, навивачите на Фенербахче извикуваа Русија, Русија и носеа маски со ликот на рускиот претседател Владимир Путин, кој во февруари минатата година нареди воена инвазија врз Украина.

Тогаш Динамо Киев побара од турскиот тим да го осуди потегот на своите навивачи, но од Фенербахче не се огласија.

Но, „војната“ со турските екипи ја започна токму украинскиот тим, односно неговите навивачи. Имено,  пред неколку години, навивачите на Динамо Киев за време на мечот против Бешикташ, го запалија турското знаме.

- Оглас -

Најнови вести