На ЕП се прости од репрезентацијата во која играше две децении, на ред е добитен хуманитарен тикет

Не многу спортисти од Македонија може да си дозволат репрезентативната кариера во својот екипен спорт да ја завршат на едно големо Европско првенство, а таа привилегија ја имаше ракометарката Елена Ѓорѓиевска, која на женското ЕП кое уште е во тек.

Капитенот на ракометната селекција реши да ја препушти капитенската лента, но и понатаму ќе биде дел од тимот.

„Нормално дека сум задоволна од постигнатото, долги години бев репрезентативка и тоа е привилегија и чест. Дадов сè што можам, ќе продолжам да помагам колку што можам, иако нема да бидам во играчкиот дел, туку во стручниот штаб. Уште пред Европското првенство решив да се повлечам од репрезентацијата. Мојата одлука беше уште пред квалификациските мечеви со Литванија. Едноставно, има промена на генерации, а и долго време бев дел од тимот. Сакав на убав начин да завршам, со настап на ЕП, и ми се исполни желбата. Во комуникација со селекторот Кристијан Грчевски се договоривме да му бидам помошник-тренер, така што останувам со девојките, но само во новата улога“, вели 34-годишната Ѓорѓиевска, која речиси две децении беше дел од националниот тим.

НЕИЗМЕРНА БЛАГОДАРНОСТ ДО КОЛЕШКИТЕ ЗА ИЗНЕНАДУВАЊЕТО

По враќањето од Унгарија, колешките од репрезентацијата направија убав гест, ја изненадија Елена со подароци.

„Тоа беше пријатно изненадување, ми направија голема чест и сакам да кажам дека сум им премногу благодарна. Добив дрес со потписи и златен приврзок топка со бројот 18 и на него пишува капитен. Чувството е прекрасно, посакувам сите да доживеат такви моменти“, ни откри десниот бек.

Ѓорѓиевска остави длабок печат во женската репрезентација, на големите натпреварувања дебитираше уште во 2005 година, тогаш како талент, на Светското првенство во Санкт Петербург во Русија, и одигра голем број натпревари во црвено-жолтиот дрес, а последниот пред четири дена со Дебрецин на мечот со Унгарија.

Како натпревар кој ѝ останал во пријатно сеќавање, Ѓорѓиевска ја издвојува победата над Исланд во квалификациите за СП во декември 2016 година.

„Нема да го заборавам тој натпревар кој се играше на Фарски Острови. Ги изненадивме сите. Прво ги победивме Фаранките, па загубивме од Австрија и на крајот го победивме фаворизираниот Исланд, за којшто мислевме дека е посилен од Австрија. Има и други кои ми останале во пријатно сеќавање, но ете прво на тој се сетив“, се присетува Елена, која ја завршува репрезентативната кариера, но не и клупската.

ПРОДОЛЖУВА СО КЛУПСКАТА КАРИЕРА

Во клупската кариера Ѓорѓиевска има една титула во Лигата на шампионите како членка на Будуќност, а во моментов игра за полската Енерга Калиш.

„Моментно размислувам да играм уште една, максимум две сезони. Здравјето ми е добро, па кога ќе дојде време и ќе почувствувам дека е време да завршам, ќе се повлечам. Пред две години имав повреди и психички пад, но сега сум многу подобра, се надевам ќе остане така“, вели Ѓорѓиевска.

Таа посакува да има повеќе вложувања во женскиот ракомет, а ако тоа не се смени, на младите им препорачува дека доколку сакаат да напредуваат, треба да одат во странство.

„Секако, имаме светла иднина и таленти, само се надевам дека поголемиот дел од девојките ќе излезат да играат надво, бидејќи тука е жално, нема вложувања во женскиот ракомет. Треба да играат во добра средина за напредок каде што има друг менталитет. Некои од девојките веќе се интернационалки, тоа е плус. Јас ја фатив генерацијата кога женскиот ракомет беше спорт број 1 во Македонија. Требаше голема борба и квалитет да се избориш за место во репрезентација. Би посакала многу повеќе да се вложува“, се зборовите на Елена со кои секој би се согласил.

И ЖЕНИТЕ ГЛЕДААТ ФУДБАЛ И СИ ИМААТ СВОИ ОМИЛЕНИ ТИМОВИ

На прашањето колку и дали гледа фудбал, Ѓорѓиевска одговори дека следи, но не редовно, туку кога има значајни натпревари.

„Следам фудбал, но онака површно. Ги гледам Барселона, Реал Мадрид, Јувентус, кога се игра нешто важно, како Лигата на шампионите. Кога бев мала, омилен тим ми беше Манчестер сити, а сега не знам што се случува со нив. Тогаш сите бевме за Лејкерс во НБА-лигата, па и во фудбал си наоѓавме клубови. Се надевам дека мојот хуманитарен тикет ќе биде добитен и парите ќе завршат каде што треба“, заклучува 18-ката на Македонија која состави богат тикет.

- Оглас -

Најнови вести