Резултатите од вечерашните мечеви на Евробаскетот така се „наместија“ што во осминафиналето веројатно една против друга ќе играат Србија и Хрватска.
Балканското дерби можеше да биде избегнато ако Хрватите вечерва во Милано ја победеа Италија, но Аѕурите славеа со 81-76 и ја избегнаа непоразената Србија. Хрватите беа одлични во третата четвртина и во последната влегоа со предност, но домашните предводени од Фонтекио и Мели, кои имаа по 19 поени, извојуваа значајна победа.
Хрватска уште може да ја избегне Србија под одредени услови, а главен е да ја совлада Украина во последното коло.
Србите во Прага „му зедоа мерка“ и на Израел, победија со 89-78. Јокиќ беше расположен со 29 поени, 11 скока и пет асистенции.