Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, Маријан Вајда, му честиташе на српскиот тенисер за триумфот на „Ролан Гарос“ со кој дојде до 23-тата гренслем-титула.
„Веднаш по мечот му испратив гласовна порака. Му реков дека навистина сум среќен што ја освои 23-тата гренслем-титула. Неколку часа подоцна, Новак ми одговори дека го цени тој потег и дека не заборава дека и понатаму сум дел од неговиот тим и семејство. Тоа беа прекрасни зборови. Уживав во тоа како доминантно ја освои титулата на земјен терен, кој е најтежок за него“, изјави Вајда во разговор за словачкиот „Спорт“.
Словакот притоа не пропушти да го пецне Роџер Федерер.
„На Федерер ќе му биде потребно време за да признае дека Ѓоковиќ е најдобар на сите времиња. Сега нема никакви сомнежи околу тоа. Со оваа форма во која се наоѓа и со претходните резултати на Вимблдон, Новак е на добар пат кон уште една гренслем-титула во Лондон. Не би зборувал за односите меѓу Новак и Федерер, но тоа зависи од големината на Роџер да признае дека Ѓоковиќ е подобар“, вели Вајда.