На Флорентино Перес му нема рамен: Ќе биде реизбран за претседател на Реал Мадрид

Флорентино Перес ќе остане да биде претседател на Реал Мадрид до 2029 година. Тоа го пренесоа шпанските медиуми, откако не доби ниту еден противкандидат за изборите за претседател во Реал Мадрид кои треба да се одржат в понеделник.

Едноставно Перес е недопирлив кога се работи за местото прв човек во клубот. Тој прв пат застана на претседателската позиција во Кралскиот клуб во 2000 година кога вети дека ќе го доведе Луис Фиго од Барселона и дека ќе создаде тим на Галактичари. Тоа и се случи, Фиго го направи најсензационалниот трансфер во историјата на шпанскиот фудбал и од Барселона потпиша за Реал Мадрид.

Првиот претседателски мандат на Перес беше до 2006 година, а потоа беше сменет. Во 2009 година, Перес повторно реши да се кандидира за претседател на Реал Мадрид и победи на изборите. Од тој избор во 2009 година, до сега, Перес едноставно е незаменлив.

Перес е најтрофејниот претседател на Реал и под негово водство во витрините на „Сантијаго Бернабеу“ се донесени дури 37 пехари од различни големи натпреварувања. Според новиот избор, 77-годишниот Перес ќе остане прв човек на Реал Мадрид до 2029 година.

- Оглас -

Најнови вести