Петокот веќе стандарно е резервиран за Хуманитарниот тикет на Спорт Манија и Sport Life, а новиот гостин ќе се обиде да го погоди тикетот и да донира онаму каде што средствата ќе бидат најпотребни.
Поранешниот напаѓач на тетовски Тетекс и на младата репрезентација, но и трофеен тренер, Ивица Радоњиќ, е најновиот гостин во Хуманитарниот тикет, а разговорот го започнавме со она што е најактуелно – македонското фудбалско првенство.
„Повеќе од сигурен сум дека Вардар нема да ги испушти моменталните плус шест во однос на конкурентите и ќе се закити со титулата шампион на Македонија, додека Шкендија и Струга ќе бидат останатите два европретставника. Секако, тука е и Силекс, кој ќе се обиде од втор план, посебно преку Купот, но типувам на Шкендија и Струга. Што се однесува до Втората лига, бробата ќе биде долга и исцрпувачка. Во пол-позиција веројатно е Брегалница, а веднаш зад неа и Охрид, но тука свои шанси имаат и Шкендија Арачиново, Скопје и Беласица“, вели Радоњиќ.
Тетовскиот тренер своевремено беше предводник и на ЖФК Љуботен, екипа со која ги освојуваше трофеите без пораз, па неизбежна тема е и женскиот фудбал. Тетовки имаат заостанување од два бода на полусезона од најголемиот конкурент за одбрана на титулата, Скопје.
„Во моментов мислам дека Љуботен е една класа над конкурентите и без разлика што имаат негатива од два бода во однос на Скопје, на крајот титулата ќе остане во Тетово, каде што ѝ е и местото“, додава Радоњиќ.
Како поранешен младински репрезентативец, Радоњиќ се надева на позитивна разврска на баражот против Данска.
„Фудбалската федерација на Македонија, на чело со претседателот Масар Омерагиќ, завршија одлична работа и реформите веќе се гледаат и на дело со имплементирањето на ВАР-системот, но и со вложувањата во инфраструктурата. Секако, назначувањето на Гоце Седлоски, кој според мене е еден од најдобрите тренери кои ги има Македонија, е исклучително позитивен момент и во моментов е идеалниот избор. Се надевам дека тоа ќе се покаже и во баражот против Данска, па со беспоштедна борба на крајот ќе бидеме наградени со триумф“, вели Ивица Радоњиќ.
Радоњиќ по успешната епизода во женската екипа на Љуботен, сега е дел од академијата на најстариот фудбалски клуб во Македонија, но како што вели, очекува веќе налето да започне и интернационална кариера.
„Зимава имав официјална понуда да преземам клуб од Малта, но ја одбив. Сепак, веќе налето очекувам враќање во сениорскиот фудбал, во клуб кој наското ќе го соопштам“, го завршуваме разговорот со Ивица Радовиќ.
Во продолжение хуманитарниот тикет кој го состави нашиот гостин.






