На Ѓоковиќ ова не му се случило во последните седум години

Новак Ѓоковиќ доживеа шокантна елиминација на Мастерсот во Индијан Велс, каде што беше поразен уште во второто коло од холандскиот тенисер Ботик ван де Зандшулп со 2-1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1).

Ова е огромно изненадување, бидејќи Ван де Зандшулп влезе во главниот ждреб како „среќен губитник“, не успеа да ги помине квалификациите, но доби шанса да настапи поради повлекување на Факундо Дијаз Акоста. Во првото коло го совлада Ник Кирјос, а сега сензационално го елиминираше Ѓоковиќ.

За српскиот тениски ас, ова е трет пораз по ред. Претходно, во полуфиналето на Австралија опен, му го предаде мечот на Александар Зверев по првиот сет, а потоа во Доха беше елиминиран од Матео Беретини.

Последен пат кога Ѓоковиќ врза три последовни порази беше на почетокот на сезоната 2018. Тогаш загуби во третото коло на Австралија опен од Хјон Чунг, потоа во второто коло на Индијан Велс од Таро Даниел, а во Мајами беше поразен од Беноа Пер.

Сега, Ѓоковиќ ќе се обиде да ја поправи формата на следниот Мастерс во Мајами.

- Оглас -

Најнови вести