На Јувентус му се заканува исфрлање од Серија А, и Алегри понудил оставка, но му била одбиена

Актуелниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри, понудил оставка и бил подготвен да си замине од тимот заедно со Андреа Ањели и комплетната управа која во понеделникот поднесе оставка, но сега веќе поранешниот претседател одбил да ја прифати неговата понуда да си замине од Старата дама.

Алегри потоа разговарал со сите фудбалери на Јувентус за да ги убеди дека оставката на комплетната управа не значи ништо и експресно се поставени нов претседател во Џанлука Фереро и директор Сканавино, а најверојатно во управата ќе биде и клупската легенда Алесандро дел Пјеро. Медиумите шпекулираат дека тој ќе ја добие улогата на почесен претседател на Јувентус.

Претходната управа предводена од Ањели си замина поради финансиските малверзации, односно фалсификување на годишните извештаи за 2018, 2019 и 2020 година, со што ги прикриле загубите на Јувентус кои изнесуваат над 200 милиони евра.

Ова не се единствени проблеми за Јувентус бидејќи Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) и официјално одлучи да отвори истрага против Старата дама поради тајните исплати на фудбалерите за време на пандемијата на корона-вирусот.

За време на пандемијата на корона-вирусот, 23-ца фудбалери на Јувентус потпишале анекси на договори со кои се согласиле да им се намалат платите за да може тимот полесно да ја преброди кризата. Обвинителството во Торино тврди дека тие анекси се фиктивни и клубот на фудбалерите всушност им ја исплаќал целосната плата, а потпишаните анекси ги искористил за да плати помал данок на државата.

Доколку овие обвинувања се покажат како точни, Јувентус може да се најде во огромни проблеми и да биде исфрлен од Серија А. Според членот 31 на ФИГЦ, секое фалсификување на документи и нелегални активности можат да доведат до одземање бодови, но и исфрлање во понизок ранг на натпреварување.
Јувентус по аферата Калчополи во 2006 година беше исфрлен од Серија А.

Задоволен од отворањето на истрага од страна на ФИГЦ е и првиот човек на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, кој побара Јувентус да биде казнет, а притоа имаше и порака за сега веќе поранешниот претседател Андреа Ањели.

„Драг Андреа Ањели, помина многу години манипулирајќи со проценките, документите, спортот, навивачите, акционерите… Во исто време сакаше да го измамиш светот дека Суперлигата е добра идеја. Твојата оставка е одлична вест“,порача Тебас.

- Оглас -

Најнови вести