На Кавани не му се чека до јули за да го облече дресот на Атлетико

Единсон Кавани, најдобриот стрелец во клупската историја на ПСЖ, не сака да го чека крајот на сезоната за да може да го оствари трансферот во Атлетико Мадрид. Уругваецот наводно е подготвен да притисне за преселба уште во јануарскиот преоден рок со желба што побрзо да го напушти Париз откако го загуби местото во стартните 11 во конкуренција со Мауро Икарди.

Кавани веќе се договори со Јорганџиите од јули да биде нивен играч. Договорот е на три години и на „Ванда Метрополитано“ треба да дојде како слободен играч, но ситуацијата може да се смени доколку Атлетико понуди парична компензација за да ги добие неговите услуги веднаш по Новата година.

Откако потпиша за Светците во летото 2013 година, Кавани настапи на 290 меча, на кои постигна 196 погодоци, што го прави најдобар стрелец во клупската историја на актуелниот француски шампион. Фактот што има 32 години и пред извесно време закрепна од повреда, но и доаѓањето на Икарди на „Паркот на принцовите“, го натераа Кавани да го забрза трансферот во Мадрид, на што сега се чека ПСЖ и Атлетико да најдат решение.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести