Кому што му треба во квалификациите? Македонија може на ЕП, но зависиме и од Австрија

Репрезентацијата на Македонија нема друг избор освен да ги победи Австрија на гости и Израел дома ако сака пласман на завршницата од Европското првнство 2020 година, но и тоа може да не биде доволно.

Во групата Г, Полска е сигурен учесник на ЕП 2020,и борбата е само за второто место. Австрија е со една нога на континенталниот собир бидејќи ѝ треба барем бод против Македониј, или да ја победат Летонија во последното коло.

Во групата А, Англија е на бод од ЕП, а Чешка треба да го победи Косово за да успее. Во групата Б, Украина е сигурна, а Португалија зависи самата од себе и доколку ги добие Литванија и Луксембург, ќе биде втора. Србите чекаат кикс на Португалија, но и тие имаат шанса преку Лигата на нациите.

Северна Ирска ќе се обиде да им ги расипе сметките на Холандија и Германија. Сепак, Ирците заостануваат три бода и нема да им биде лесно. Интересно е во групата Д, каде што три тима имаат реални шанси. Проблемот на Република Ирска е што има еден меч повеќе од Данска и Швајцарија, па во последното коло ќе мора дома да триумфира над Данците. Швајцарија треба да ги победи Грузија и Гибралтар за да се најде на ЕП.

Во групата Е е вистинска мешаница, Хрватска само ако не загуби дома од Словачка, ќе биде промовирана во учесник на ЕП 2020. Унгарија со победа кај Велс ќе оди на ЕП, Словачка со две победи оди на ЕП, а останува со шанси и со евентуален пораз од Хрватска. И Велс со две победи би бил прв или втор.

Во групата Ф, Шпанија оди на ЕП, а многу работи ќе бидат појасни откако Романија и Шведска ќе го одиграат својот меч. Победа на Шведска значи пласман на ЕП, а победа на Романија ќе значи дека на Романија ѝ треба бод и против Шпанија на гости. Реми во Букурешт им дава теоретски шанси и на Норвежаните.

Ако Исланд победи во Турција, Французите одат на ЕП. Турција со победа или бод против Исланд ќе оди на ЕП, а тоа ќе значи дека ќе нема дилеми околу патниците од групата Х. Во групата И нема неизвесност, Белгија и Русија се на ЕП, а во групата Ј Италија е пласирана, додека Финска треба да го победи Лихтенштајн за да им се придружи на учесниците на шампионатот.

- Оглас -

Најнови вести