Барселона беше единствената екипа која по четири кола обезбеди место во осминафналето. Од синоќа, со сигурно место во нокаут-фазата се уште седум клубови. Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Рома, Јувентус, Баерн Минхен, Ајакс и Реал Мадрид се радуваа на место меѓу најдобрите 16. Вечерва уште седум места може да бидат пополнети, доколку се поклопат резултатите.
Во групата А, Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид имаат „меч топки“ пред своите навивачи. „Милионерите“ не смее да си дозволат кикс против Бриж, додека Атлетико во Мадрид треба рутински да го победи Монако, кој нема никакви шанси. Единствено може да не се знае кој тим ќе биде прв, а кој втор на крајот. Моментно на табелата Борусија и Атлетико се со 9 бода, Бриж има 4, а Монако само еден бод.
Барселона ја реши едната загатка во групата Б, а за второто место може да се води битка до последната секунда. Интер има седум бода, но гостува во Лондон кај Тотенхем, кој е трет со четири бода. Доколку Тотенхем победи, ситуацијата ќе биде многу неизвесна до самиот крај. Но, ако Интер издржи да не загуби, англискиот тим ги губи сите надежи за второто место.
Најнеизвесна е групата Ц. Ливерпул и Наполи се со по 6 бода, ПСЖ има 5, а аутсајдерот Црвена ѕвезда се држи на 4 бода. Тука математиката е Наполи и Ливерпул да победат за да има две сигурни екипи. Сепак, тоа е тешко остварливо, ако се знае дека Ливерпул во дербито на колото гостува кај ПСЖ во Париз. Наполи ќе има полесна задача бидејќи во Неапол го пречекува српскиот шампион.
Порто и Шалке вечерва, по меѓусебниот дуел може двете екипи да се радуваат. Порто е домаќин, но и многу посигурен на табелата. Португалскиот гигант има 10 бода, Шалке е со осум, а Галатасарај чека од „сенка“ со четири бода. Доколку Галатасарај загуби на гости кај Локомотив Москва, тогаш не е важно како ќе заврши мечот на „Драгао“ во Порто. Турскиот тим и со реми нема многу да направи, бидејќи и така ќе биде елиминиран, што значи дека Галатасарај мора да победи на гости, ако сака да им ги замрси работите на првите две на табелата.
По синоќешните дуели во Сегментот од Е до Х групите, јасно е дека Шахтер и Олимпик Лион во меѓусебна пресметка ќе решат кој оди понатаму.