На Крстајиќ нема да му биде простена украинската петарда, Тумбаковиќ нов селектор?

Фудбалскиот сојуз на Србија на денешната седница на извршниот одбор ќе му врачи отказ на селекторот Младен Крстајиќ, а на негово место ќе го постави искусниот 60-годишен стратег Љубиша Тумбаковиќ.

Неодамнешниот селектор на Црна Гора во петокот го раскина договорот со „соколите“ откако под огромен притисок од родната земја одби да го води тимот на натпреварот со Косово, кое Србите уште го сметаат за нивна територија. Тумбаковиќ има водено повеќе клубови од Србија и Азија, а најдобрите резултати ги имаше во белградскиот Партизан. Како селектор на Црна Гора, двапати загуби од Србија на Крстајиќ.

ФСС за оваа промена на кормилото се реши откако „белите орли“ освоија само четири бода во три кола од циклусот, а најмногу поради дебаклот во Украина, каде што беа разбиени со 5-0.

Крстајиќ беше скаран со Миливојевиќ, Настасиќ, Грујиќ, Ивановиќ, Тошиќ, Стојковиќ, па останува да се види дали Тумбаковиќ ќе им понуди помирување во интерес на заедничката цел, пласман на ЕП 2020.

- Оглас -

Најнови вести