Познати се 42 од 48-те учесници на фудбалскиот Мундијал кој ќе се игра следната година, последните шест места ќе се пополнат по баражите на крајот на март, а Македонија, која е кандидат, има минимални шанси, барем според симулациите на суперкомпјутер.
Немавме среќа во ждрепката, Македонија заедно со Романија, Албанија и Северна Ирска се четирите селекции кои ќе мора да играат на гости и во полуфиналето и во евентуалното финале од баражите во Европа. Нашите фудбалери ќе гостуваат кај Данска во полуфиналето, а потоа би играле финале на гости кај Чешка или кај Република Ирска, што на хартија е доста тежок пат до СП.
Симулации на суперкомпјутер покажаа дека Македонија има само 3,2 проценти шанси да дојде до СП. Дури и на Нова Каледонија ѝ се даваат поголеми шанси, што е огромно потценување на Црвено-жолтите. И во минатото се покажа дека овие бројки не мора ништо да значат.


