Манчестер јунајтед со синоќешното реми од 3:3 против Галатасарај, како и ремито без голови на Копенхаген во Минхен, се наоѓа пред елиминација од Лигата на шампионите и во последното коло во групната фаза му е потребно вистинско чудо за да се пласира во нокаут-фазата.
По пет кола во групата А, Баерн Минхен е лидер на табелата со 13 бода и обезбеден пласман во осминафиналето, Копенхаген и Галатасарај имаат по пет, а Манчестер јунајтед е последен со четири бода.
Во последното коло, кое треба да се игра на 12 декември, Јунајтед на „Олд Трафорд“ го пречекува Баерн Минхен, додека Копенхаген е домаќин на Галатасарај.
Единствена опција која Манчестер јунајтед ќе го однесе во осминафиналето е да го победи Баерн Минхен, а мечот во Копенхаген да заврши без победник.
Доколку мечот во Копенхаген заврши без победник, а Манчестер јунајтед не ги освои трите бода, тогаш во осминафиналето ќе оди данскиот шампион бидејќи има подобра гол-разлика од Галатасарај. Турскиот тим само победа го носи во осминафиналето.