Шпанските медиуми објавија неверојатно лоши статистички показатели за натпреварот помеѓу Хетафе и Гранада, кој го добија гостите од Андалузија со 1-0.
Борбеноста не изостана на мечот, екипите се бореа за секоја топка, но дури и претераа. Домашните направија 19, а гостите 23 фаули во текот на средбата. Но, овие 42 фаули и шест покажани жолти картони, од кои некои за приговор, не се најлошиот показател за тоа каков беше квалитетот на мечот.
Двата тима заедно имаа неверојатни 346 грешки. Хетафе имаше 189 загубени топки, а Гранада 157. Гранада славеше со гол од пенал, а тимот од југот на Шпанија имаше само 88 прецизни додавања за 90 минути игра. Хетафе комбинираше повеќе, имаа 241, но тоа не им помогна.
На натпреварот имаше само два шута во рамките на головите, едниот заврши со погодок од белата точка, другиот беше одбранет од голманот на Гранада.