Металург го победи швајцарски Криенс со 26-24 во првиот дуел од плејофот за влез во групите на новоформираната Европска лига на ЕХФ во ракомет. Металурзите ќе треба на реваншот во Луцерн за една недела да ги одбранат овие плус два разлика, кои ги стекнаа откако вечерва двете полувремиња ги добија со минимална разлика.
Гостите се покажаа како незгоден ривал, имаа два гола предност на 15 минути до крајот, но македонскиот тим сепак успеа да се извлече од непријатната позиција.
Хорват и Тарабокија со по 8 гола беа најефикасни во тимот од Автокоманда. Металург како домаќин играше во салата на Вардар во Спортскиот центар „Јане Сандански“, немаше публика, и иако тимот на тренерот Кастратовиќ не победи поубедливо како што посакуваа, сепак има реална шанса да биде македонски претставник во групите.