Според италијанските медиуми, Милан на листата на потенцијални засилувања за следната сезона има дури седум фудбалери. Некои се познати, некои не толку, но „росонерите“ се решени да направат сериозни промени во играчкиот кадар.
Српскиот репрезентативец Сергеј Милинковиќ Савиќ е прв на листата на желби, воедно и најскап играч кој Милан сака да го види во своите редови. Инвестицијата би ги чинела 100 или нешто повеќе милиони евра.
Милан би сакал да ги привлече и младиот Сандро Тонали од Бреша, Џулијан Вајгл од Борусија Дортмунд, Ален Сен Максимен од Ница, Орелијан Чуамени од Бордо, Стефано Сензи од Сасуоло, како и напаѓачот на Гремио, Евертон Соареш.
Со доведувањето на Кжиштоф Пјонтек и Лукас Пакета, Милан направи добра работа, а ако се пласира во Лигата на шампионите, ќе биде уште попривлечна дестинација на фудбалерите кои сакаат да се покажат пред поширок аудиториум, и оваа листа на желби ќе биде збогатена и со други фудбалски ѕвезди.

