Денеска започна Европското првенство за фудбалери до 21 година, а со тоа почна и примената на новото правило на УЕФА во врска со голманите: доколку голманот ја држи топката повеќе од осум секунди, ќе се досуди корнер за противничкиот тим.
Промената стапи на сила денеска на ЕП во Словачка. Новото правило го заменува претходното правило од шест секунди, по кои судијата требаше да досуди индиректен слободен удар, но ретко кога се применуваше тоа.
Според новите упатства, ако голманот ја држи топката повеќе од осум секунди, судијата мора да досуди корнер за противничкиот тим. Судијата ќе треба видливо за сите да ги одброи последните пет секунди за да можат и играчите да го следат времето во кое голманот ја има топката кај себе. Ова правило е со цел да се забрза играта и да се зголеми динамиката на натпреварите. Ако противниците го попречуваат голманот, судијата ќе престане со одбројување и ќе досуди индиректен удар во полза на голманот.
Во првиот меч на ЕП, Шпанија ја победи домашната Словачка со 3-2. Вечерва младите Италијанци ја совладаа Романија со 1-0, Грузија со погодок во 93-тата минута победи против Полска со 2-1, а во дербито Португалија – Франција немаше голови.